Што претставува ендодонтско лекување на забите?

Кога забот е многу оштетен, празнината во центарот на забот или коренскиот канал може да се оштети или инфицира. Мекото ткиво во внатрешноста на коренскиот канал ја претставува пулпата (нервот) и откако ќе се инфицира, може да се формира апсцес на коренот на забот. Ова не само што е болно, туку може да предизвика оток локализиран околу забот, кој може да се прошири и на други делови од лицето и вратот, но исто така може да предизвика оштетување на коската од вилицата.

Постапката за ендодонтско лекување ја врши стоматолог (ендодонт). За да се спаси инфицираниот заб, пулпата (нервот) се отстранува од забот и празната шуплина мора темелно да се исчисти, а потоа да се наполни.

 

Која е процедурата за ендодонтско лекување?

Постапката за ендодонтско лекување обично бара две или три посети на стоматолог, во зависност од тоа дали постои инфекција и дали е потребна порцеланска коронка за зајакнување на забот.

За време на првата посета:

  1. стоматологот ќе направи ренген снимка за да се утврди дали постои инфекција и да се добие слика за коренските канали;
  2. се аплицира локална анестезија за да се обезболи забот и се поставува rubber dam за да се обезбеди суво работно поле во текот на постапката;
  3. се чисти кариозната лезија, се отстранува пулпата, бактериите и другите остатоци. Пулпната комора се чисти темелно и се аплицираат медикаменти во внатрешноста;
  4. забот се исполнува со привремено полнење

За време на втората посета:

  1. стоматологот ќе го замени привременото полнење со дефинитивно доколку нема знаци на инфекција.